Скопје и Охрид во едночасовен еколошки мрак за Часот на планетата Земја

Added by Earth Hour Macedonia on 26th March 2021 in the category Прес.

Дванаесета година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, оваа година преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

И оваа година акцијата ќе биде одбележана виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во Македонија, под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“

На двочасовната конференција која ќе се емитува во живо оваа сабота во 19:30 на фејсбук профилот на Часот на планетата Земја премиерно ќе бидат претставени климатските акции на македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Северна Македонија. Дополнително, преку три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт, претставници од Собранието на РСМ, бизнис секторот и невладините организации, ќе бидат дискутирани теми поврзани со забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја.

Освен официјалниот дел, во текот на конференцијата ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, како што успеавме да се прилагодиме да живееме и дејствуваме против пандемијата, на сличен начин да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата.

Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во градовите Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата на РСМ, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловите тврдини, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.

Свое учество во акцијата најавија и Црвениот крст на РСМ, Сојузот на извидници, хотелите Мериот и Хилтон, трговскиот центар Капитол мол, салоните и управната зграда на А1 Македонија, цементарницата Усје и многу други.

Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 27 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

Следи нѐ секаде!

youtubeinstagram